Планинарското друштво „Јелак“ од
Тетово, по 3-годишна пауза, оваа година, на 21-ви јули, реши да ја обнови
традицоналната планинарска тура кон Ѓенов Камен. На наша сопствена иницијатива,
дел од нас младинците, решивме да преноќиме во шатори вечерта пред походот во
кругот на манастирот „Св. Атанасиј“ во село Лешок, од каде што наредниот ден,
заедно со сите оние кои со организиран превоз, но и со сопствени возила ќе
пристигнат, ќе се упатиме кон целта.
Како планинарско друштво, не
смееше да оставиме ништо на случајот, па така, неколку наши членови, два дена
пред маршутата, беа да ја извидат и евентуално да ја обноват маркацијата на
целата патека, од село Варвара до самата карпа, и назад преку друга патека,
кадешто беше планирана маршутата. Беше констатирано дека маркацијата е одлично
сочувана и беше потребно само да се исчистат и разбијат патеките низ
папратовите ливади, неколку на број, како и да се расчистат паднатите дрвја на
патеката. Интервениравме и кај импровизираната каптажа за вода, кадешто
поминува главниот вод што го снабдува селото Варвара,таму повторно го
поставивме цревото за пиење, кое беше извадено и запушено.
На самата манифестација,
викендот, нашата дружба, започна во саботата попладне, кога откако се снабдивме
со намирници за вечера и пиење, се упативме кон Лешок и пред да падне ноќта, ги
поставивме нашите шатори, вкупно четири на број. Откако се сместивме, се
зафативме со припрема за вечерата, собравме дрва, запаливме оган, го
припремивме месото за скара и пиењето, и неформалниот дел од манифестацијата
започна. На нашето дружење му се приклучија и неколкумина пријатели од Лешок.
Откако вечеравме, сите 15-мина, се наредивме во круг околу логорскиот оган, и
онака, во планинарски дух, со ладно пиење (т.н. „бунар“) во рацете, муабет,
дружење и насмевки на лицата, времето брзо и многу интересно помина, иако останавме до доцна во ноќта. Имавме 3-4
часа за дремка во шаторите и рано отсабајле веќе веќе да бидеме будни, и низ
кафе и чај да се припремиме за искачувањето и да ги пречекаме останатите
планинари коишто сабајлето требаше да пристигнат од Тетово.
Првата група со организиран
сопствен превоз, претежно постари планинари, наши гости од ПК „Тетекс“ од
Тетово пристигна во 07 часот сабајлето и одлучи да се упатат кон селото Варвара
кадешто поминува маршутата и таму да нè пречека нас останатите. Планинари со
сопствени возила пристигнуваа и наредните 20-тина минута, кога пристигна
групата со организираниот превоз што го организираше нашето друштво. Стартот на
искачувањето беше во 07:30 часот од пред манастирот во Лешок. Од стартот на 622
м.н.в, колку што покажаа нашите ГПС-мерења, и со неколкуминутно доцнење од
закажаното време, целата група веќе го имавме фатено тесниот асфалтен пат кон
селото Варвара. Околу 08 часот пристигнавме во Варвара, кадешто во црквата имавме
кратка пауза, и кадешто ни се приклучија и останатите планинари. Па така,
вкупно 70-тина на број, тргнавме низ шумата над селото во поход кон т.н. Ѓенов
Камен (или Ѓинов J ). Првата поголема пауза, беше кај старата импровизирана
каптажа за вода за селото Варвара, кадешто во шумата, на околу 1090 м.н.в. под
длабоката букова шума, имавме 15 минути време за првиот оброк, проследен со
ладната шарпланинска свежа вода. Продолживме во правец запад, нагоре низ
шумата, и по 20-минути пешачење ни се отвори видикот – бевме во првата ливада
со папрат, којашто нормално, беше проодна и одлично исчистена. Оттука, патеката
нагло врти десно кадешто низ друга ливада се упатуваме повторно во шума,
овојпат шумата е пократка, поретка, нискостеблеста и нормално, помлада. Неколку
минути по 10 часот, веќе сме кај наредниот извор кадешто претходно беше
договорена втората голема пауза. Тука водата е поладна, изворот е обилен,
уживаме во звукот на нејзинот тек и сместени под младата сенка, збиени сите да
нè собере, кој погоре, кој подолу, уживаме во лесната закуска со лимон и коцки
шеќер, обезбедени од организаторот. Од тука до целта, нè чекаат уште околу 2km, секако,
најстрмните. Продолжуваме низ папратовите ливади, овојпат станува збор за една
голема ливада, којашто мештаните на село Варвара ја нарекле „дл’га ливада“ или
литературно - „долга“. Папратите се
повисоки од човек и кај нас владее интересно чувство додека се движиме помеѓу
нив. Оттаму, на околу 1600 м.н.в. повторно навлегуваме во стара мешовита шума
со длабока сенка, кадешто разочарано забележуваме дека долгата рака на дивите
дрвосечачи допрела и ваму и тоа во нечовечки размери. Шумата којашто ние
планинарите ја паметиме по нејзината дебела сенка и по 10-тина степени
поладната температура од ливадата 100 метри подолу, овој пат беше проретчена и
наместо да владее карактеристична шумска темнина од огромните дрвја, тука веќе
беше шаренолико и полусветло. Продолжуваме нагоре, овој пат низ пократка ливада
со низок папрат и повторно навлегуваме во шума, овојпат во последниот шумски
појас кадешто до пред неколку години имаше извор со вода, но сега е пресушен.
Сепак, навиката за кратка пауза на ова место остана, па така во сенката,
застануваме 3-4 минути да се напиеме некоја голтка од нашите резерви со вода во
ранците, и по неколку минутно пешачење шумата завршува и над неа веќе ја
забележуваме нашата цел – Ѓеновата (или Ѓеноата) карпа. Веќе се движеме во
пасишен предел. Констатираме дека дивите дрвосечачи отишле предалеку и за свои
потреби разбиле неколку широки патишта под карпата (за коишто претпоставуваме
дека водат до селото Слатино), преку кои со трактори се движат и нивото
дрвокрадење е олеснето. По 20-минутно пешачење низ пониските пасишни предели на
Шара, во11:45 веќе сме на карпата на висина од 1677 м.н.в. Погледот оттука е
прекрасен, го гледаме карпестиот срт со просечна висина од 2000 метри на север,
заедно со Брезјанските кули, а позади него е високогорскиот Чаушички срт заедно
со Доброшкиот Врв и двата Езерски врва, како и целиот северен дел од Полошката
котлина, заедно со рамничарските села Прељубиште, Ратае, Туденце, Шемшово,
Жилче, Јегуновце, Подбреѓе и многу други. За жал, последните пристигнати
планинари не успеваат доволно долго да уживаат во својот оброк горе на целта
бидејќи темни облаци се закануваат над нас.
Откако направивме групна
фотографија, тргаме за назад по друг пат, којшто по изохипса, во правец север,
води низ пасиштата во подножјето на врвот Врчик (2094 м.н.в.), а кои се дел од
шарпланинската област Плоча. По пат береме зрели боровинки и се насладуваме со
нив. Од патот поглед на двата врва од сртот Кучбаба. Патеката нè води остро и
десно, кадешто низ кратка, но стрмна падина се упатуваме кон густата шума. Пред
да влеземе во шумата, собираме кантарион. Шумата е густа, сенката е дебела,
патчето е широко и одењето тука е релаксирано. Секако, и самите придонесуваме
за тоа со фин муабет, кажување вицеви и шеги на наша сметка и прераскажувајќи
наши смешни ситуации. Потоа, патеката низ шумата нè води низ стрмен шумски
предел кадешто нагло спуштаме висина. На еден час пешачење од карпата,
наидуваме на поточе со ладна вода кадешто земаме здив и ги обновуваме резервите
со вода. Продолжуваме низ шумата, којашто е се поретка и помлада. На места
излегуваме од неа и пресечуваме 2-3 ливади, богати со трева, коишто беа одлично
исчистени и проодни. Продолжуваме понатаму, и од друга страна, стигаме кај
каптажата кадешто ја правевме првата пауза, значи сме направиле круг. Тука,
челото на колоната, заедно со првите водичи и целата група ги чека последните
планинари, за оттука повторно да се формира компактна колона. Одиме надолу по
позната патека по којашто се движевме за нагоре и по околу 300 метра од водата,
повторно тргаме во друга насока, не од таму од каде што дојдовме, за повторно
патеката да се состави 1.5km подоле, во самото село Варвара. По кратка пауза во
црквата, продолжуваме по асфалтот кон селото Лешок. Последните планинари
пристигнаа во Лешок во 16 часот. Вкупно поминавме 15,4 километри. Тие кои
дојдоа со превоз од Тетово, веднаш заминаа, бидејќи комбињата веќе беа
пристигнати.
На нас, коишто преспавме тука,
остана да си ги собереме шаторите, и бавно, низ ладно вино и шеги со попот од
манастирот кој ни прераскажуваше анегдоти, да се спакуваме и спремиме за назад.
Спомените од оваа манифестација ќе ни останат вечно. За тоа ќе сведочат и
бројните фотографии. На нас останува догодина да ја продолжиме оваа
манифестација, да ја збогатиме и омасовиме уште повеќе, иако 70-тина планинари коишто
после 3-годишна пауза организирано во еден ден се качија на карпата воопшто не
е бројка за потценување.
Планинарски поздрав:
„поздрав“.