На 28ми јули, нашите пријатели од ПК Тетекс организираа искачување од с. Вешала до Караниколичко езеро. Група од неколку членови на ПК Јелак се приклучивме кон колоната во планинарскиот марш.
Појдовме во 6.30 од Тетово, и по половина час возење стигнавме во селото Вешала. Од таму веднаш се упативме кон Караниколичкото Езеро. Времето беше топло, што е и за очекување во средина на летото. Сепак на Шар Планина температурата е пониска и ладниот ветер го прави планинарењето пријатно. Подоцна тоа се покажа како меч со две острици, затоа што дел од планинарите добија изгореници од сонцето на откриените делови од телото, иако тоа не се чуствуваше на кожата.
Движењето беше во група од 40сетина планинари. Поискусните членови на ПК Тетекс одеа напред на колоната. Поминувавме низ прекрасни предели, зеленило насекаде, отворен видик кон останатите шарпланински врвови... по патот изобилство од шумско овошје (боровинки, шумски јагоди, шумски малини) и чаеви (кантарион, нане, мајчина душица. На неколку места има мали поточиња кои го пресекуваат патот, а на половина од качувањето чешма со ладна вода.
По 2- 3 часа пешачење стигнавме на караниколичкото езеро... Прекрасно. Релативно големо езеро (трето по големин ана Шар Планина) со бистра вода. Тука направивме голема пауза, доручек – ручек, а некои се охрабрија и се капеа во езерото. На таа висина и на високаат температура, тоа беше вистинско доживување.
По некое време одморот ни се виде предолг, па решивме самоиницијативно да се искачиме до Мал Ѓол (малото караниколичко езеро) пред да се вратиме назад до Вешала. Дванаесет планинари се одвоивме од групата и со претходна координација со организаторот, тргнавме во ново искачување. За 40сетина минути стигнавме и на второто езеро. Многу помало од Караниколичкото но со специфична убавина. Неговата подлога, неговото дно е од кал и тиња, со изразито кафена боја, но водата во него бистра и провидна. Од тука уште поубаво може да се согледа убавината на Караниколичкото езеро... Прекрасно сина боја, правилна форма, а во далечината останатите делови од Шар Планина.
Конечно се вративме во Вешеала околу 17 часот. Околу еден час подоцна од останатите. Но вредеше секој момент од планинарењеето. Собравме доволно чаеви за зима, очите ни се наполнија со убавина, а дружењето беше незаборавно.
До ново планинарење... останете поздравени. Поздрав!
No comments:
Post a Comment