Wednesday, May 6, 2015

Белојшки водопади - 2015 ( ОТАКАЖАН ПОРАДИ НОВО НАСТАНАТА СИТУАЦИЈА )


П.К. „Јелак“ од Тетово, на 10.05.2015. (недела) организира еднодневна лесна планинарска тура до Белојшки водопади. 



Информации:
078225034 - Цули
070541763 - Спиро
071663207 - Бошко


https://www.facebook.com/events/1404749956515249/

Wednesday, August 21, 2013

Искачување на ТИТОВ ВРВ 25.08.2013 (Недела)







Планинарскиот клуб - „ЈЕЛАК“ Тетово и планинарскиот клуб „ТЕТЕКС“- Тетово организираат летно искачување на највисокиот врв на Шар Планина – ТИТОВ ВРВ. Планинарскиот настан ќе биде организиран на 24 и 25 Август 2013 година.

Надморската височина на Титов Врв изнесува 2747 метри.
Искачувањето од Попова Шапка до врвот е околу 4 – 5 часа пешачење, на почетокот по макадамски пат, а потоа по маркирана
 патека, позната како Вакуфска патека.

Организираното планинарско искачување на врвот ќе се одвива по следната програма:
24.08 (Сабота)
o До 15:00 часот – пристигнување на планинарите во Тетово;
o 15:00 часот – организиран превоз до Попова Шапка од пред Домот на културата, по цена од 100 денари во еден правец;
o 17:00 – 19:00 часот - сместување на планинарите;
o 20:00 часот – свечено отворање на манифестацијата;
o 24:00 часот – повечерје.
25.08 (Недела)
o 05:30 часот – станување и припрема за марш;
o 06:30 часот - поаѓање на планинарите кон врвот;
o 11:00 часот – пристигнување на врвот;
o 12:00 часот – поаѓање кон Попова Шапка;
o 16:00 часот – пристигање на Попова Шапка
o 16:30 часот – организиран превоз кон Тетово по цена од 100 денари.


Сместување:
• Планинарски дом „Смрека“ – 200 денари
Сместувањето е организирано во планинарскиот дом Смрека, на Попова Шапка. Поради ограничените сместувачки капацитети, Ве молиме да се пријавите навреме.


Превоз:
За превоз до Попова шапка, ќе бидат обезбедени комбиња на 24ти (сабота) со поаѓање од пред центарот за култура – Тетово, со поаѓање во 15.00 часот и на 25ти (недела) со поаѓање во 05.00 од истото место. Превозот за назад е во 16.30 од Попова Шапка. Цената во еден правец е 100 денари.


Напомена:
- За психофизичката состојба одговара секој учесник самостојно;
- П.К. „Јелак“ и П.К. „Тетекс“ обезбедуваат водичи;
- Исхраната ја обезбедува секој учесник самостојно.


Подетални информации ќе бидат објавени на официјалниот event на facebook

https://www.facebook.com/events/434581186656516/

Wednesday, July 31, 2013

Караниколичко Езеро



На 28ми јули, нашите пријатели од ПК Тетекс организираа искачување од с. Вешала до Караниколичко езеро. Група од неколку членови на ПК Јелак се приклучивме кон колоната во планинарскиот марш.
Појдовме во 6.30 од Тетово, и по половина час возење стигнавме во селото Вешала. Од таму веднаш се упативме кон Караниколичкото Езеро. Времето беше топло, што е и за очекување во средина на летото. Сепак на Шар Планина температурата е пониска и ладниот ветер го прави планинарењето пријатно. Подоцна тоа се покажа како меч со две острици, затоа што дел од планинарите добија изгореници од сонцето на откриените делови од телото, иако тоа не се чуствуваше на кожата.


Движењето беше во група од 40сетина планинари. Поискусните членови на ПК Тетекс одеа напред на колоната. Поминувавме низ прекрасни предели, зеленило насекаде, отворен видик кон останатите шарпланински врвови... по патот изобилство од шумско овошје (боровинки, шумски јагоди, шумски малини) и чаеви (кантарион, нане, мајчина душица. На неколку места има мали поточиња кои го пресекуваат патот, а на половина од качувањето чешма со ладна вода.
По 2- 3 часа пешачење стигнавме на караниколичкото езеро... Прекрасно. Релативно големо езеро (трето по големин ана Шар Планина)  со бистра вода. Тука направивме голема пауза, доручек – ручек, а некои се охрабрија и се капеа во езерото. На таа висина и на високаат температура, тоа беше вистинско доживување.


По некое време одморот ни се виде предолг, па решивме самоиницијативно да се искачиме до Мал Ѓол (малото караниколичко езеро) пред да се вратиме назад до Вешала. Дванаесет планинари се одвоивме од групата и со претходна координација со организаторот, тргнавме во ново искачување. За 40сетина минути стигнавме и на второто езеро. Многу помало од Караниколичкото но со специфична убавина. Неговата подлога, неговото дно е од кал и тиња, со изразито кафена боја, но водата во него бистра и провидна. Од тука уште поубаво може да се согледа убавината на Караниколичкото езеро... Прекрасно сина боја, правилна форма, а во далечината останатите делови од Шар Планина.


Ние продолживме со искачувањето. Наместо да се искачуваме кон врвот Караникола, ние по изохипса се движевме под него. Кога стигнавме до еден дел каде што имаше снежен јазик, се искачивме право нагоре на една висорамнина на самиот с`рт... а таму... прекрасен видин на трите лешнички карпи, Џинибег... Шарпланинското пространство.  Од тука тргнавме да се вражаме назад. Но решивме да не одиме по истиот пат, туку да скршнеме малку на десна страна, и да го видиме малиот водопад во близина на езерото. А тоа чудо на природата...  Малку вода која го исклесала својот пат низ карпите и паѓа меѓу нив од околу 20 метри. Голема штета ќе беше да го пропуштиме овој поглед кој остана скриен за другите планинари од поголемата група.



Конечно се вративме во Вешеала околу 17 часот. Околу еден час подоцна од останатите. Но вредеше секој момент од планинарењеето. Собравме доволно чаеви за зима, очите ни се наполнија со убавина, а дружењето беше незаборавно.  


До ново планинарење... останете поздравени. Поздрав!

Monday, July 22, 2013

Планинарски поход „Ѓинов Камен 2013“

          



        Планинарското друштво „Јелак“ од Тетово, по 3-годишна пауза, оваа година, на 21-ви јули, реши да ја обнови традицоналната планинарска тура кон Ѓенов Камен. На наша сопствена иницијатива, дел од нас младинците, решивме да преноќиме во шатори вечерта пред походот во кругот на манастирот „Св. Атанасиј“ во село Лешок, од каде што наредниот ден, заедно со сите оние кои со организиран превоз, но и со сопствени возила ќе пристигнат, ќе се упатиме кон целта.
            Како планинарско друштво, не смееше да оставиме ништо на случајот, па така, неколку наши членови, два дена пред маршутата, беа да ја извидат и евентуално да ја обноват маркацијата на целата патека, од село Варвара до самата карпа, и назад преку друга патека, кадешто беше планирана маршутата. Беше констатирано дека маркацијата е одлично сочувана и беше потребно само да се исчистат и разбијат патеките низ папратовите ливади, неколку на број, како и да се расчистат паднатите дрвја на патеката. Интервениравме и кај импровизираната каптажа за вода, кадешто поминува главниот вод што го снабдува селото Варвара,таму повторно го поставивме цревото за пиење, кое беше извадено и запушено.
            На самата манифестација, викендот, нашата дружба, започна во саботата попладне, кога откако се снабдивме со намирници за вечера и пиење, се упативме кон Лешок и пред да падне ноќта, ги поставивме нашите шатори, вкупно четири на број. Откако се сместивме, се зафативме со припрема за вечерата, собравме дрва, запаливме оган, го припремивме месото за скара и пиењето, и неформалниот дел од манифестацијата започна. На нашето дружење му се приклучија и неколкумина пријатели од Лешок. Откако вечеравме, сите 15-мина, се наредивме во круг околу логорскиот оган, и онака, во планинарски дух, со ладно пиење (т.н. „бунар“) во рацете, муабет, дружење и насмевки на лицата, времето брзо и многу интересно помина,  иако останавме до доцна во ноќта. Имавме 3-4 часа за дремка во шаторите и рано отсабајле веќе веќе да бидеме будни, и низ кафе и чај да се припремиме за искачувањето и да ги пречекаме останатите планинари коишто сабајлето требаше да пристигнат од Тетово.


            Првата група со организиран сопствен превоз, претежно постари планинари, наши гости од ПК „Тетекс“ од Тетово пристигна во 07 часот сабајлето и одлучи да се упатат кон селото Варвара кадешто поминува маршутата и таму да нè пречека нас останатите. Планинари со сопствени возила пристигнуваа и наредните 20-тина минута, кога пристигна групата со организираниот превоз што го организираше нашето друштво. Стартот на искачувањето беше во 07:30 часот од пред манастирот во Лешок. Од стартот на 622 м.н.в, колку што покажаа нашите ГПС-мерења, и со неколкуминутно доцнење од закажаното време, целата група веќе го имавме фатено тесниот асфалтен пат кон селото Варвара. Околу 08 часот пристигнавме во Варвара, кадешто во црквата имавме кратка пауза, и кадешто ни се приклучија и останатите планинари. Па така, вкупно 70-тина на број, тргнавме низ шумата над селото во поход кон т.н. Ѓенов Камен (или Ѓинов
J ). Првата поголема пауза, беше кај старата импровизирана каптажа за вода за селото Варвара, кадешто во шумата, на околу 1090 м.н.в. под длабоката букова шума, имавме 15 минути време за првиот оброк, проследен со ладната шарпланинска свежа вода. Продолживме во правец запад, нагоре низ шумата, и по 20-минути пешачење ни се отвори видикот – бевме во првата ливада со папрат, којашто нормално, беше проодна и одлично исчистена. Оттука, патеката нагло врти десно кадешто низ друга ливада се упатуваме повторно во шума, овојпат шумата е пократка, поретка, нискостеблеста и нормално, помлада. Неколку минути по 10 часот, веќе сме кај наредниот извор кадешто претходно беше договорена втората голема пауза. Тука водата е поладна, изворот е обилен, уживаме во звукот на нејзинот тек и сместени под младата сенка, збиени сите да нè собере, кој погоре, кој подолу, уживаме во лесната закуска со лимон и коцки шеќер, обезбедени од организаторот. Од тука до целта, нè чекаат уште околу 2km, секако, најстрмните. Продолжуваме низ папратовите ливади, овојпат станува збор за една голема ливада, којашто мештаните на село Варвара ја нарекле „дл’га ливада“ или литературно  - „долга“. Папратите се повисоки од човек и кај нас владее интересно чувство додека се движиме помеѓу нив. Оттаму, на околу 1600 м.н.в. повторно навлегуваме во стара мешовита шума со длабока сенка, кадешто разочарано забележуваме дека долгата рака на дивите дрвосечачи допрела и ваму и тоа во нечовечки размери. Шумата којашто ние планинарите ја паметиме по нејзината дебела сенка и по 10-тина степени поладната температура од ливадата 100 метри подолу, овој пат беше проретчена и наместо да владее карактеристична шумска темнина од огромните дрвја, тука веќе беше шаренолико и полусветло. Продолжуваме нагоре, овој пат низ пократка ливада со низок папрат и повторно навлегуваме во шума, овојпат во последниот шумски појас кадешто до пред неколку години имаше извор со вода, но сега е пресушен. Сепак, навиката за кратка пауза на ова место остана, па така во сенката, застануваме 3-4 минути да се напиеме некоја голтка од нашите резерви со вода во ранците, и по неколку минутно пешачење шумата завршува и над неа веќе ја забележуваме нашата цел – Ѓеновата (или Ѓеноата) карпа. Веќе се движеме во пасишен предел. Констатираме дека дивите дрвосечачи отишле предалеку и за свои потреби разбиле неколку широки патишта под карпата (за коишто претпоставуваме дека водат до селото Слатино), преку кои со трактори се движат и нивото дрвокрадење е олеснето. По 20-минутно пешачење низ пониските пасишни предели на Шара, во11:45 веќе сме на карпата на висина од 1677 м.н.в. Погледот оттука е прекрасен, го гледаме карпестиот срт со просечна висина од 2000 метри на север, заедно со Брезјанските кули, а позади него е високогорскиот Чаушички срт заедно со Доброшкиот Врв и двата Езерски врва, како и целиот северен дел од Полошката котлина, заедно со рамничарските села Прељубиште, Ратае, Туденце, Шемшово, Жилче, Јегуновце, Подбреѓе и многу други. За жал, последните пристигнати планинари не успеваат доволно долго да уживаат во својот оброк горе на целта бидејќи темни облаци се закануваат над нас.
            Откако направивме групна фотографија, тргаме за назад по друг пат, којшто по изохипса, во правец север, води низ пасиштата во подножјето на врвот Врчик (2094 м.н.в.), а кои се дел од шарпланинската област Плоча. По пат береме зрели боровинки и се насладуваме со нив. Од патот поглед на двата врва од сртот Кучбаба. Патеката нè води остро и десно, кадешто низ кратка, но стрмна падина се упатуваме кон густата шума. Пред да влеземе во шумата, собираме кантарион. Шумата е густа, сенката е дебела, патчето е широко и одењето тука е релаксирано. Секако, и самите придонесуваме за тоа со фин муабет, кажување вицеви и шеги на наша сметка и прераскажувајќи наши смешни ситуации. Потоа, патеката низ шумата нè води низ стрмен шумски предел кадешто нагло спуштаме висина. На еден час пешачење од карпата, наидуваме на поточе со ладна вода кадешто земаме здив и ги обновуваме резервите со вода. Продолжуваме низ шумата, којашто е се поретка и помлада. На места излегуваме од неа и пресечуваме 2-3 ливади, богати со трева, коишто беа одлично исчистени и проодни. Продолжуваме понатаму, и од друга страна, стигаме кај каптажата кадешто ја правевме првата пауза, значи сме направиле круг. Тука, челото на колоната, заедно со првите водичи и целата група ги чека последните планинари, за оттука повторно да се формира компактна колона. Одиме надолу по позната патека по којашто се движевме за нагоре и по околу 300 метра од водата, повторно тргаме во друга насока, не од таму од каде што дојдовме, за повторно патеката да се состави 1.5
km подоле, во самото село Варвара. По кратка пауза во црквата, продолжуваме по асфалтот кон селото Лешок. Последните планинари пристигнаа во Лешок во 16 часот. Вкупно поминавме 15,4 километри. Тие кои дојдоа со превоз од Тетово, веднаш заминаа, бидејќи комбињата веќе беа пристигнати.
            На нас, коишто преспавме тука, остана да си ги собереме шаторите, и бавно, низ ладно вино и шеги со попот од манастирот кој ни прераскажуваше анегдоти, да се спакуваме и спремиме за назад. Спомените од оваа манифестација ќе ни останат вечно. За тоа ќе сведочат и бројните фотографии. На нас останува догодина да ја продолжиме оваа манифестација, да ја збогатиме и омасовиме уште повеќе, иако 70-тина планинари коишто после 3-годишна пауза организирано во еден ден се качија на карпата воопшто не е бројка за потценување.
            Планинарски поздрав: „поздрав“.